„Да се воведе забрана за увоз на отпад како извор на енергија до крајот на годината.“
Вака гласеше едно од барањата на „О2 Иницијатива“ до Владата, а кое го истакнаа и на протесниот марш во Скопје за подобрување на мерките против загадувањето.
Тие велат дека сегашниот, но и новиот предлог-закон за управување со отпад дозволува увоз на отпад што може да се користи како извор на енергија. Нагласија дека Цементарница Усје легално увезува отпад од странство и го согорува во своите печки, како извор на енергија.
Владата, за ова со соопштение до јавноста демантираше дека во земјата се увезува и се согорува опасен отпад.
„Исто така увозот/извозот и транзитот на отпадот е строго контролирана процедура и дека ниту една пратка на отпад не може да помине на граничен премин без соодветна проверка.“ – се потенцира во соопштението од Владата.
Во однос на употребата на алтернативни горива, Државниот инспекторат за животна средина на 12 декември минатата година спроведе вонреден инспекциски надзор во Цементарницата. Во нивниот извештај меѓу останатото стои и дека:
„Цементарница Усје поседува дозвола за увоз на алтернативното гориво во количина од 10.000 тони за цела година. Во 2019 година, има увезено само 5.000 тони од споменатото алтернативно гориво.“
Од Усје, пак, соопштуваат дека користењето на алтернативни горива е целосно безбедно и не предизвикува опасност ниту за граѓаните, ниту за околината генерално. Објаснуваат дека процесот на производството на цемент се одвива во затворен технолошки процес и при екстремно високи температури (1500-2000 степени Целзиусови) при што се елиминираат евентуалните штетни соединенија.
„Од 2007-та година, во Цементарница Усје се врши континуиран мониторинг на емисии во воздухот, 24 часа, 365 дена во годината. Филтрите во Усје се автоматски и доколку престанат да работат, веднаш запира и целиот производствен процес.“
Во некои земји од Европската Унија употребата на алтернативни горива во цементната индустрија е над 50 проценти од потребите за енергенси. Во Усје моментално од вкупната количина на енергенси што ги користат, на алтернативно гориво отпаѓа 4%.
„Технолошки соодветната употреба на алтернативните горива во цементната индустрија придонесува за значително намалување на емисијата на „стакленички“ и други штетни гасови во атмосферата, во споредба со користењето на фосилните горива.“ – додаваат од Усје.
Давор Пехчевски од организацијата „Еко-свест“ истакнува дека потенцијален проблем може да настане од хемискиот состав на алтернативното гориво, односно да доведе до зголемување на емисиите на перзистетни органски загадувачи како што се диоксините и фураните, но и на некои тешки метали што се содржат во отпадот.
Комплексно прашање е и нарушувањето на хиерархијата за управување со отпадот, како и увозот на отпад за потребите на цементарата во ситуација кога во државата се’ уште најголем дел од отпадот се депонира на несертифицирани депонии.
„Она што недостасува во Скопје е анализа на кумулативното влијание од сите индустриски капацитети што се во границите на градот врз квалитетот на амбиентниот воздух. Дури и ако на сите нив емисиите им се во рамки на граничните вредности, вкупните емисии од нив потенцијално водат до значително влошување на квалитетот на воздухот и можно е никогаш да не ги постигнеме целите за квалитет на воздух се додека сите овие индустрии работат во градот. “ – вели Пехчевски, од невладината „Еко-Свест“.
Пехчевски дополнува дека едно можно решение за овој проблем е членот од Законот за животна средина според кој доколку не можат да се постигнат целите за заштита на животната средина (во случајов квалитетот на воздухот) со примена на најдобрите достапни технологии, тогаш индустриските капацитети треба да вклучат дополнителни мерки во нивната работа, па дури и да пристапат кон намалување на работните часови во периоди на високо загадување.
Ангела Илиевска
„Текстот е направен во рамки на Новинарскиот клуб на Радио МОФ раководен од новинарот Огнен Јанески