Отпочната иницијатива за формирање Мрежа на жени во македонските медиуми

Поставени се темелите за формирање на Мрежа на жени во медиумите во Македонија на иницијатива на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). На работилница која се одржала на 2 и 3 ноември биле утврдени и визијата, мисијата и целите на Мрежата, која првично ќе дејствува во рамките на ССНМ.

„Дваесет колешки од 20 македонски медиуми, и гости од регионот беа дел од плодната дискусија низ која провејуваше општа констатација дека на нашиот медиумски простор му е неопходна организација која, покрај постојните еснафски, ќе се грижи за правата на жените, за кои бевме сведоци и со најконкретни сведоштва од присутните, и натаму секојдневно се нарушуваат“, велат од ССНМ.

Оттаму посочија дека на работилницата учествувала и Маша Милеусниќ од „Новинарки против насилство“ од Србија која ги споделила искуствата од формирањето и дејствувањето на тамошната организација, како и начините на одбрана и заштита на правата на жените во медиумите, но и во општеството.

Освен искуствата на организацијата „Новинарки против насилство“, на работилницата своите искуства ги пренеле и од Мрежата на ангажираните во медиумите од Косово и од ПИНА, што бил добар показател и насока за процесот на оформување и начинот на делување на телото кое, како што велат од ССНМ, треба да биде додадена вредност во обидот да се изборат правата на жените од медиумите кај нас.

„Учесниците на иницијативата на Попова Шапка ги утврдија визијата, мисијата и целите на Мрежата на жените во македонските медиуми, се договорија во првиот период да делуваат неформално и заради практичност и користење на организациските ресурси да бидат во рамките на ССНМ кој сесрдно ќе помага околу заживувањето на организацијата“, велат од ССНМ.

На работната средба било избрано и координативно тело од девет членки кое ќе го продолжи процесот на оформување, а наскоро, како што е најавено, ќе излезе и со објава за почеток на работата на Мрежата на жени во медиумите.