Отповикан претседателот на Јужна Кореја поради обидот за воведување вонредна состојба

Парламентот на Јужна Кореја денеска гласаше за отповикување и недоверба на претседателот Јун Сук Јеол, со што се суспендира од службените должности поради неговиот за воведување вонредна состојба минатата недела, јавува Радио Слободна Европа.

Од 300 пратеници, дури 204 гласаа за импичмент на претседателот, при што 85 пратеници гласаа против, тројца беа воздржани, а четири гласа беа неважечки.

Тоа значи дека Јун веднаш ќе биде суспендиран од функцијата, а вршител на должноста ќе стане премиерот, при што оваа одлука на парламентот мора да ја потврди и Уставниот суд.

Целиот процес на импичмент би можел да потрае со недели, бидејќи допрва треба да се одржи судење пред Уставниот суд. Ако шест од деветчлениот совет гласаат за поддршка на импичментот, само тогаш претседателот ќе биде сменет.

Во ова сценарио, изборите за следниот претседател ќе бидат распишани во рок од 60 дена од пресудата, што може да ја втурне земјата во нов круг на политичка криза.

Претходно, полицијата во Сеул соопшти дека очекува најмалку 200.000 луѓе да присуствуваат на масовните демонстрации во јужнокорејската престолнина денеска пред второто гласање за импичмент на неуспешниот обид на претседателот Јун Сук Јеол да воведе воена состојба.

Десничарскиот претседател вети дека ќе се бори и покрај намалената поддршка од јавноста.

Илјадници луѓе денеска излегоа на улиците на главниот град на Јужна Кореја на ривалски митинзи за и против претседателот Јун Сук Јеол, неколку часа пред гласањето за импичмент.

Протестите со кои се бара оставка на Јун започнаа пред Националното собрание една недела откако не успеа првиот обид за смена на Јун.

На другата страна на Сеул во близина на плоштадот Гвангвамун, илјадници луѓе се собраа во поддршка на Јун, пуштајќи патриотски песни и веејќи јужнокорејски и американски знамиња.