„Отскочна даска“ за Андреј Анѓеловиќ кој ќе ги претставува младите на Скопскиот поетски фестивал

Младиот Андреј Анѓеловиќ на вчерашното поетско читање за млади – „Отскочна даска“ беше избран да ги претставува младите поети на Скопскиот поетски фестивал што по четврти пат се одржува од денес до 1 јуни.

Веќе трета година по ред, Скопскиот поетски фестивал неофицијално го отвораат најмладите поети на возраст од 16 до 25 години кои со своја поезија се претставуваат под сијаличките на сцената во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје.

Оваа година од вкупно 41 пријавен за „Отскочна“ беа избрани 14 учесници. Откако се слушаа меѓу себе, тие гласаа за двајца фаворити по што петорица поминаа во вториот круг. И за финалистите гласаа сите 14, а по пребројувањето на ливчињата во мексиканското сомбреро, најмногу гласови од со-учесниците доби Андреј Анѓеловиќ кој има 21 година и доаѓа од Куманово.

„Како млада личност, за мене претставува голема радост и чест да за првпат да настапам во друштво на поетите утре. Емоциите и радоста се многу големи. Но, не треба да се заборави дека сите што учествуваа на настанот заслужуваат да бидат избрани“, изјави тој за Радио МОФ.

Анѓеловиќ е студент на Градежниот факултет во Скопје, а ни откри дека поезија почнал да пишува по првата средба со класиците на часовите по македонски јазик во средно.

„Некои велат: ‘Секој градежник најпрво во 9 часот треба да биде поет, после треба да биде уметник, да знае како да ја направи градбата и на крај треба да биде градежник за да создаде нешто. Така што тие се испреплетени, и науката и книжевноста. Инспирацијата многу често доаѓа во моменти кога не ја очекуваш“, истакна младиот поет.

„Буква“ вчера пулсираше во младешката енергија. Музичари, уметници, книжевници и љубители на уметност и култура, млади и повозрасни беа меѓу публиката која до крај ги слушаше настапите на младите.

„За оние кои размислуваат да се пријават следната година би им рекол да го направат тоа, без разлика дали ќе бидат избрани или не, дружбата што се стекнува тука, разговорот на маса со поетите е најдобро нешто што може да го извлечат“, поентираше Андреј.

Програмата за Скопскиот поетски фестивал може да ја видите овде.

Ангела Бошкоска 

Фото: Радио МОФ