Вечерва (6 март) од 20 часот во Културно-социјалниот простор Центар Јадро ќе се отвори изложбата „Архитектонско и урбанистичко решение за нов студентски кампус“ на Архитектонското интегративно студио 9.
„Во процесот на транзицијата, после осамостојувањето на Р. Македонија, голем број делови и урбани единици во градот Скопје останаа плански и просторно недефинирани. Една од тие урбани целини е т.н. блок на ‘Судската палата 1’, во кој се наоѓаат најзначајните јавни објекти од национален и општествен стандард во градот Скопје. Преку програмско и просторно истражување во предметната област, проектната задача претпоставува ‘иден модел’ на студентско домување и учење како дел од кампусот на УКИМ а воедно и просторно дооформување на урбаниот блок ‘Судска палата 1’“, се посочува во најавата за изложбата.
„Студентите ги анализираа веќе постоечките студентски капацитети во Скопје на програмско и типоморфолошко ниво. Преку препознавање на генеричките обрасци на постоечките објекти, анализата имаше за цел воспоставување метода на трансфигурација, трансформација и транскрипција во нови типолошки конфигурации. Предложените архитектонски решенија во студиото истакнаа неколку аспекти за важноста на локацијата: присуството на јавна општествена институција во централното подрачје на градот Скопје, студентите како идна интелектуална елита на државата се корисници на објектот и високиот стандард на времено домување во објектот изразен преку содржините кои тие ги акомодираат“, се додава во најавата.
Изложбата ќе биде отворена до 10 март.