Утре во Мултимедијалниот центар „Мала Станица“ во Скопје ќе биде отворена изложбата „ФеминаV.S.Фемининологија“, со дела од 10 македонски и 10 хрватски авторки кои работеле во пар.
Станува збор за петто издание на проектот кој е соработка помеѓу Друштвото на ликовните уметници од Македонија (ДЛУМ) и Хрватското здружение на ликовни уметници и ликовни критичари (ХУЛУЛК) од Загреб.
Според најавата, изложбата ќе ја отворат директорката на Националната галерија, Дита Старова Керими, претседателката на ДЛУМ и кураторката на проектот Јана Манева-Чупоска и Санда Станаќев Бајзек, историчарка на уметност и кураторка.
„Тие ја менуваат перцепцијата создавајќи „здрава“ и моќна основа за тематизирање и прикажување на повеќекратниот идентитет на жената, бројните архетипи и стереотипи на кои е изложената жената, како глобални теми. Преку нивната сложена морфологија и интердисциплинарен пристап кон сликарството, тие можат јасно да се прочитаат од нивните уметнички дела. Тие го тематизираат сопствениот идентитет поминувајќи низ „заедничките места“ на нашите цивилизациски сопнувања – сексуалноста, личните слободи, моралот, наметнатите улоги. Тие ја откриваат и ослободуваат жената, покажувајќи ја во многубројноста на нејзините улоги. Нивните уметнички приказни го надминуваат нивното матично време, станувајќи општи и универзални, исконски и современи, докажувајќи дека големите теми не се ниту „женски“ ниту „машки“, туку само човечки“, стои во извадок од текстот од каталогот на кураторката Станаќев Бајзек.
„Како една од многуте тенденции во ликовната уметност оваа тема – „Пар“ ќе вбројува ликовни уметници кои со својот различен или сличен ликовен израз ќе навлезат во ова ликовно толкување што ќе ги испровоцира да го пронајдат својот „пар“ како „спротивна“ или „еднаква“ ликовна компонента. Концептот на изработка на делата е конципиран во организиран тим односно пар од две уметнички кои ќе креираат и изработат едно или неколку дела кои треба да се компатибилни, слични, различни, спротиставени или нееднакви во својата ликовна концепција. Испреплетувањето на диференцијални ликовни сигнализации ќе придонесе за креирање на овој концепт до фаза на еднаква или нееднаква кохезија. Еден „пар“ може да ги преслуша, креира, раздвои или обедини еднаквостите или различностите во самиот процес на создавање на ликовното дело“, пишува кураторката Манева-Чупоска.
УЧЕСНИЧКИ ОД МАКЕДОНИЈА И ХРВАТСКА:
МК- Ана Трајковска– Алана Кајфеж -ХР
МК- Вана Урошевиќ– Габријела Шимиќ -ХР
МК- Христина Зафировска –Луциа Лабас– ХР
МК –Јана Луловска– Никол Хјуит -ХР
МК- Тања Таневска –Тара Беата Рац– ХР
МК –Наташа Милованчев– Дијана Назор Чорда– ХР
МК- Марина Цветановска-Мартиновска – Ивана Ожетски -ХР
МК –Марина Коцарева-Ранисављев– Ивана Бакал -ХР
МК –Маја Рауник Кирков– Ирена Гајатри Хорват -ХР
МК- Јана Манева-Чупоска– Паулина Јазвиќ –ХР
Од ДЛУМ информираат дека на 16 јуни со почеток во 12 часот во Кинотеката на Македонија ќе се одржи видео проекција на видеата на Јана Манева-Чупоска, Јана Луловска и Никол Хјуит.
Изложбата ќе трае до 28 јуни.