На 16 октомври (понеделник) во 20 часот во Галеријата 2 на Младинскиот културен центар ќе биде отворена изложбата насловена „Некогаш и денес” на Ристо Соколов – Сокол.
Циклусот ликовни дела на Ристо Соколов – Сокол „Некогаш и денес“ е целосно осмислен, реализиран и изложбено прикажан во неговото отворено ателје Уметничкото студио „Сокол Арт“ во Кавадарци. Во најавата за изложбата стои дека циклусот содржи 30 дела, работени со природен материјал, во комбинирана техника и се иновативни и оригинални во техничка и материјална смисла, создавајќи ликовна уметност на начин како тоа го правеле старите мајстори, надоградувајќи го сето со сопствен оригинален и имагинативен набој, редок на македонската ликовна сцена. Своевидна тивка уметничка револуција невидена на овие простори.
„Низ минатите години изложбата е поставена и исклучително посетена, освен во Кавадарци, меѓу другото и во Велес, Неготино, Демир Капија. Благодарејќи на семејството Соколови, кое е носител на овие дела, но и на неформалната група уметници „Сокол Арт“, „Некогаш и денес“ уште долго и допрва ќе патува низ Македонија и подалеку, надминувајќи ги животните прилики и години на неговите современици, а се во интерес и чест на врвната ликовна уметност“, најавуваат организаторите.
Ристо Соколов – Сокол е роден на 16 април 1957, во село Дреново. Секоја година, датумот на раѓање на Ристо Соколов се одбележува преку преку Меморијалната манифестација „Пријателите за Ристо“. Досега се одржани осум изданија на манифестацијата, на различни простори низ Кавадарци, од клубови, ресторани, галерии, преку институции до отворени простори за првпат искористени за било каква културна и уметничка пригода.
Изложбата трае до 31 октомври.