Изложбата „Носталгија“ од ликовниот уметник Драган Гелев ќе биде отворена во понеделник (18 септември) од 20 часот во Галеријата на Младинскиот културен центар – Скопје (МКЦ).
„Творештвото на Драган Гелев припаѓа на перфомативното, односно акциско сликарство бидејќи самото платно е акциона плотна на која уметникот делува со брзи потези и интензивни бои создавајќи метафора на човекова и уметничка слобода што предизвикува различни асоцијации кај гледачот или обичниот набљудувач“, вели критичарката Маја Живановиќ.
Гелев со сликање се занимава од најраните училишни денови и продолжува до ден денес да ја негува сликарската уметност. Автор е на повеќе од 200 авторски дела работени во различни техники. Неговата уметност припаѓа на модерниот експресионизам ,апстрактната уметност и акционото сликарство. Досега негови дела се изложувани на групни изложби во Базел и Цирих Швајцарија каде што живее и твори.
Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 31 септември 2023 година, а воедно таа е од има хуманитарен карактер. Сите средства од продадените дела ќе бидат донирани на фондацијата „Д-р Симон Василев“.