Последиците од климатските промени, на чии процеси во голема мера влијае нaчинот на којшто човекот се однесува, ја искористува и уништува природата, забрзано ги менуваат животните услови- загаден воздух, почва, мориња, топење на мразот, пожари, поплави, уништени екосистеми, миграции, глад, пандемии.
„Panic room или скок во мислењето“ е изложба која ја тематизира состојбата на глобалната опасност што му се заканува на светот, а ќе се отвори на 2 октомври во Музејот на современата уметност. Во поставката земаат учество уметниците: Искра Димитрова, Нехат Беќири, Верица Ковачевска, Нада Прља, Велимир Жерновски, Матеј Богдановски, Христина Иваноска, Јане Чаловски, Ѓорѓе Јовановиќ, Филип Јовановски и Никола Узуновски и групата ОПА.
Кураторка на изложбата е Љиљана Неделковска.
Уметниците со оваа изложба на различни начини и со различни уметнички техники (сликарство, инсталација, цртеж, видео, фотографии, постери, уметничкo истражувачка работилница, интерактивен виртуелен и партиципативен проект), исцртуваат координати за лоцирање на проблемите со коишто се соочува современиот свет во којшто живееме, како и на можни креативни платформи како места на отскок од вообичаените практики на мислење и дејствување.
„Концепт на изложбата „Panic room“ е да се понудат можни начини на редизајнирање или ресетирање на нашиот однос кон природното и социјалното опкружување. Создавање инакви пристапи на поврзување и солидарност помеѓу луѓето и нивната околина, наспроти вообичаениот начин на којшто животните услови се земаат здраво за готово, како нешто што се подразбира, како нешто што ни е дадено и што ни припаѓа. Наедно, изложбата е и критика на неолибералната финансиска, технолошка, биополитичка, односно некрополитичка стратегија на манипулирање и колонизирање на сите сфери на просторното, биолошкото и симболичкото постоење, и критика на скриената логиката на функционирањето на глобалниот пазар: што повеќе катастрофи (војни, политички, економски и еколошки кризи), толку повеќе профит“, вели кураторката Неделовска.
Таа додава дека „Panic room“, чиј наслов е асоцијација на истоимениот филм од Дејвид Финчер, не подразбира некакво безбедно место каде би можеле да се скриеме, туку се однесува на интимниот, внатрешен простор, како место на одлука за одлучен пресврт во мислењето: наместо резигнирано да прифатиме дека е многу полесно да се замисли крајот на светот, отколку крајот на капитализмот, да направиме скок во мислењето и да го замислиме крајот на капитализмот, повикувајќи „нова земја, нов народ“ отварајќи, при тоа, можности за нова уметност на живеење и заедништво во светот и со светот.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Р.С. Македонија како дел од Годишната програма за 2020 и ќе биде отворена до 1 ноември.