Изложбата „Поема на атомите“ на Благојче Петровски ќе се отвори утре (20 јануари) во Кристалната сала на Офицерскиот дом во Битола во 19:30 часот.
Станува збор за ликовни дела. Темата и името на изложбата – „Поема на Атомите“ се инспирирани од древната поезија на Руми, поетот и мистик од 13 век, кој во својата поема пее за атомите како израз на љубовта и прoчистувањето.
„Живеењето во современиот свет, посебно последниве декади е познатo и како време на хроничен и мултидимензионален стрес. Во времето кога фреквенциите на стрес и негативност преовладуваат, кај сите нас на различен начин се појавува потребата за извор на нивно прочистување и обнова. Таквата потреба наоѓа израз во овие дела на оваа изложба насловена како ‘Поема на атомите’ кои верувам и се надевам дека придонесуваат, кон ако не прочистување тогаш барем амортизирање на тежината на нашето секојдневие“, вели авторот на изложбата.
„Поема на атомите“ ја отвора годината на изложби во Културниот и информативен центар Битола. Минатата година во Центарот беа поставени 43 ликовни меѓународни и домашни изложби.