Изложбата „Раселени“ од уметницата Тања Балаќ ќе биде отворена на 5 (вторник) септември во Музејот на Република Северна Македонија од 20 часот.
Изложбата, која ќе ја отвори историчарот на уметност и ликовен критичар, Кирил Пенушлиски, содржи дела создадени во периодот 2020-2022 година. На оваа изложба Балаќ се претставува со 27 слики, кои се надополнување на нејзиниот претходен циклус започнат некаде во 2017 година под влијание на големата бегалска криза. Дела од овој циклус беа претставени на нејзините изложби во Скопје, Белград, и Загреб.
„Во ‘Раселени’ за прв пат во опусот на Балаќ се појавуваат човечки фигури. Се работи за луѓе и лица што не можат да се идентификуваат. Тие луѓе ‘патуваат’ низ нејзините слики, а некои од нив се и само тивки посматрачи на трагичната човечка судбина. Човечките фигурите во овие нови, сини, слики, се третирани различно од оние во претходните дела. Луѓето се апстрактно предадени, со сведени црти на лицата – назначени со неколку потези и скоро секогаш работени со бела боја што дополнително ги прави нереални. Меѓутоа, тие фигури сега изгледаат како да заминуваат од платната на Балаќ. Резигнирани, помирени со својата судбина, немите портрети повеќе ја немаат стоичката димензија на оние од постарите слики“, се вели во описот за изложбата.
По затворање на поставката во Музејот на Република Северна Македонија, „Раселени“ ќе патува во Стразбур, каде ќе биде изложена во „Арт клуб Амикале“ на Советот на Европа, а ќе ја отвори амбасадорката Светлана Гелева.
Тања Балаќ дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Одделот за сликарство, а потоа и магистрирала на истиот отсек. Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од 1996 година, а во периодот од 2006 до 2013 година и негова претседателка. Покрај сликарството, во последната декада истражува и на полето на нови медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видеоуметност.