Во вторник (18 јуни) со почеток во 19.30 часот во галерија „Метаноја“ во соработка со „Балканскиот институт за вера и култура“ ќе се отвори изложбата „Сосема обично“ на Владимир Илиевски.
„Владимир Илиевски во сликата ‘Создавање на светлоста’ ги има вткаено своите теоретски знаења, сликарски вештини, креативност, контемплативност и интертекстуалност во совршен спој. ‘Создавање на светлоста’ го сумира целиот опус од оваа збирка на дела посветени на природата. Контрастот меѓу делот на сликата во сенка и онаму каде што е облеан во светлина е класичен пример за уметничка композиција. Набљудувачот добива впечаток дека е дел од сцената, дека се наоѓа во честакот со вегетација и е ‘фатен’ во мигот кога ја забележува светлината која се пробива низ крошните. Тука на ова темно место и под закрилата на древните дрвја светлината се прикажува во сета своја автентичност“, вели рецензентот д-р Коста Милков.
На изложбата покрај рецензентот д-р Коста Милков, ќе се обрати и директорката на Галерија „Метаноја“ м-р Нада Милкова.