Изложбата „Уживање“ на Марта Патлиџанковска и Лусиана Ампева ќе се отвори на 4 ноември, понеделник, со почеток во 20 часот во галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.
„Опсервацијата на ликовните дела во актуелната изложба ‘Уживање’ на двете млади, академски ликовни авторки, е предизвик за нотирање на нови енергии и продукции во ликовната сфера, но и задача за барање на онаа допирна точка, оној заеднички именител кој ги поврзува како творци, а ги издвојува како индивидуи“, стои во соопштението.
Изложбата содржи дела работени во текот на оваа (2024) година, големи формати, кои, како што велат од МКЦ, во ликовниот израз припаѓаат на реалистичката или фигуративната ликовна сфера, со примеси на одредена симболичност и асоцијативност.
„Во овој колаборативен проект, Ампева и Патлиџанковска преку своите дела се обидуваат да ја пренесат ‘магијата’, убавината на творечкиот занес во процесот на создавањето на едно дело, високото чувство на задоволство при проекцијата на мислата и материјализацијата на сликарската идеја на сликарското платно“, додаваат оттаму.
„Уживање“ ќе биде отворена до 14 ноември.