Фотографската изложба „Животи обликувани од вода“ ќе биде отворена во четврток (5 октомври) во галеријата на Културно информативниот центар во Скопје.
Станува збор за дела на фотографи од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Македонија, Словенија и Србија.
„’Животи обликувани од вода’ раскажува приказна за непрекинатите врски меѓу луѓето и реките. На фотографиите се забележани моменти крај реките, како и различни гласови и идентитети кои ја откриваат комплексноста на нашиот однос со реките“, се вели во описот.
Отворањето е во 19 часот, а изложбата ќе биде поставена до 15 октомври.
Изложбата е дел од иницијативата „Заедно за реките”, која има цел да заштити повеќе од 400 километри реки во регионот. Во рамките на оваа иницијатива, организацијата Еко-свест, во соработка со општината Демир Капија и Министерството за животна средина и просторно планирање, започна процедура за повторно прогласување на Демир Капија за заштитено подрачје, со што ќе се обезбеди активна заштита на демиркаписката клисура и дел од долниот тек на реката Вардар со нејзините притоки.