Уметникот Бојан Ковски ќе ja отвори својата најнова изложба „Симбиоза“ во Музејот на Град Скопје на 29 февруари 2024 година.
„Симбиоза“ претставува продолжение на истражувањето на човечката форма од страна на Ковски, со преплетување од елементот земја. Изложбата вклучува впечатливи актови и портрети проткаени преку песок од пустините. Со текот на ‘Симбиоза’, секое дело се гради врз претходното, создавајќи комплексна и специфична структура. Истражувањето на Ковски на четирите основни елементи, особено на земјата, служи како метафора за сложеноста на животот и барањето на длабоки човечки конекции“, се вели во описот за изложбата.
„Техниката на уметникот, карактеризирана со спокојство и квалитет, ги поканува гледачите да се симпатизираат и ангажираат со темите претставени, како бескрајноста на формата и трансцеденцијата на простор и време“, вели Дијана Томиќ Радевска за неговите дела по изложба во 2019 година.
Бојан Ковски е дипломиран сликар на Факултетот за уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2015 година. Тој активно создава дела со масло на платно, развивајќи ја и својата посебна техника, Ковски Боди- уметност. Ковски учествувал во повеќе изложби.