Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“ годинава ќе го има своето 23 издание насловено како „Како е? Викај ура“ од 11 до 17 јули во Младинскиот културен центар (МКЦ). Ќе бидат прикажани повеќе од 40 филмски наслови, меѓу кои и дел од филмовите на овогодинешниот Кански филмски фестивал, ќе настапуваат повеќе бендови со различни жанрови, а ќе се спроведе и проектот „Living music“ на кој ќе работат студенти и млади режисери од Европа.
Фестивалот ќе започне со данскиот бенд „Ефтеркланг“ и „Македониум бенд“, чија соработка ја одбележа нивната концертна премиера во април минатата година пред споменикот Македониум во Крушево и филмската премиера во Копенхаген на фестивалот „CPH-DOX“ оваа година во март.
„Филмот ја заокружува истражувачката потрага на овој дански состав на прекрасен, непосреден и шармантен начин, преку патувачка турнеја низ Македонија. Во тој процес на регрутација на членови на новиот мета состав наречен ‘Ефтеркланг: Македониум бенд’, нивен водич и локална инспирација е уредникот на музичка програма во МКЦ, Владиа Младеновски – Грга, кој е нивен пријател и посредник во целата авантура. Младински културен центар се јавува во улогата на продуцент, преку својата логистичка и организациска поддршка на целиот проект“, велат од МКЦ.
Додека пак, Младеновски истакнува дека оваа плејада на невојатни уметници на двата концерти изнудила овации од публиката, која по вториот концерт и побараниот бис се кренала на нозе и равиорила македонско оро, кое продолжило и вон концертната просторија.
„Никогаш нема да го заборавиме она што ни се случи таа вечер во Копенхаген. Триумф на универзална љубов. Особено ми е драго што овој филм е првиот вистински документарен филм во продукција на МКЦ Скопје“, потенцира уредникот на музичката програма.
И оваа година натпреварувачката програма на „Синедејс“ е селекција на Бернд Будер, а таа ќе содржи светски и македонски филмови и копродукции што „гравитираат“ во Официјална селекција, Гала програма, SEE програма, MK Shorts (кратки филмови), Ретроспектива на филмови посветена на легендарниот југословенски режисер Вељко Булајуќ како и кратки филмови од култниот европски автор Вим Вендерс.
„Во Гала програмата, ‘Синедејс’ директно од Кан кој се одржа кон крајот на мај годинава, ги носи наградените остварувања на Кроненберг, Вуди Ален, неверојатното остварување на Корали Фержо со Деми Мур во главна улога, последниот филм на иранскиот режисер Расулоф, потоа Оноре, Жанг Жи, Хазанавициус, Полански. ‘Синедејс’ е единствениот фестивал во Европа кој ја има таа привилегија да ги прикаже овие наслови директно по нивната премиера во Кан“, наведуваат од МКЦ.
Оттаму додаваат дека поради големиот интерес, во придружната програма, повторно и оваа година ќе се реализира меѓународниот проект „Living music“ под водство на професорката Дарија Андовска во која студенти или тукушто дипломирани режисери и композитори од Европа работат заедно во резиденцијален проект за време на фестивалот и создаваат филмска музика која потем ќе ја изведат во живо.
Додека пак, музичката програма на фестивалот под наслов „Cinemusic“ покрај гала концертот на „Ефтеркланг: Македониум бенд“, свој настап ќе имаат и регионалниот експериментален панк бенд „Turbo Trans Turisti“, скопскиот инди состав „Сиз“ и психоделичното музичко дуо „Cyril-Cyril“ од Швајцарија.
Билетите за фестивалот ќе бидат по цена од 250 денари на билетарниците на МКЦ и Кинотека, како и на линкот за онлајн продажба на билети на МКЦ.