Отворен ден за идните студенти организира денеска Економскиот факултет при УКИМ во рамки на одбележувањето на Деновите на високото образование во Македонија.
Концептот на Отворениот ден е заедништво и во таа насока, секоја од страните активни во работењето на Факултетот, студентите, наставниот кадар и бизнис заедницата, ќе даде свој придонес.
Од 10 до 16 часот во аулата на Факултетот т.н. саемско претставување ќе имаат сите седум департмани, компаниите-соработници Комерцијална банка АД Скопје, Шпаркасе банка АД Скопје, Алфа банка АД Скопје, ЕВН Македонија, Окта АД Скопје, МАК ПРОГРЕС Виница и СеЗаРоденден, како и студентските организации АИЕСЕК, Студентски парламент на Економскиот факултет-Скопје и Еразмус студентската мрежа во Македонија.
Целта на Економскиот факултет е да ги увери идните студенти дека неговиот слоган „Традиција, знаење, иднина“ треба да соодветствува со визијата за нивната иднина.