Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, денеска организира отворен ден на кој посетителите ќе имаат можност непосредно во разговор со наставниот кадар и студентите да се запознаат со дејноста на најстарата високообразовна институција во земјата.
Централниот настан е предвиден на платото пред ректоратот, каде ќе бидат сместени штандовите на факултетите.
Во изложбените простори се предвидени разновидни презентации на активностите и проектите на наставниците и студентите, изложба на богатата научна дејност на универзитетот: монографии, учебници, преводи и научни списанија.
Покрај другите активности, предвидени се јавни дебати, многубројни наградни игри за посетителите, голема забава со концерт на студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје, Пламенка Трајковска и квартет и групата Суперхикс на платото на универзитетот.
Денот е наменет за средношколците од средните училишта во Македонија, но и убава можност за сите оние кои сакаат да дознаат нешто повеќе за програмите на постдипломските и докторските студии на УКИМ.