„Скопје Креатива 2016“ објави јавен повик за предлог проекти за учество во годинашната Програма за развој на креативните индустрии.
Програмата треба да обезбеди промоција на вредности, производи и услуги од областа на креативните индустрии како што се архитектура, дизајн, мода, визуелни уметности, музика, театар, видео анимација, занаети, информациска технологија, филм и друго.
Право на учество на конкурсот имаат правни лица регистрирани за вршење дејност од областа на културата и позитивната законска регулатива во Република Македонија и физички лица, во рамките на следните дејности: изведбени уметности, ИТ сектор и компјутерски дејности, графички дизајн, дизајн на мебел, моден дизајн, музички уметности, визуелни уметности, уметност на новите медиуми, издавачка дејност, библиотекарство, младинска култура, аматерска култура, културен туризам и промоција на културно наследство.
За добивање на финансиските средства за спроведуавање на Програмата , правното и физичко лице треба да ги исполни следните услови:
– правните лица да бидат регистрирани во Централен регистар на РМ
– физичките лица да живеат и делуваат во Реублика Македонија
– правното / физичко лице да аплицира со креативен проект дизајн, а истиот може да биде во партнерство со национални, јавни, приватни или независни институции и организации од областа на култура, наука и/или бизнис.
– правното / физичко лице да има референтна листа од најмалку три (3) реализирани проекти од областа на културата или креативните индустрии
– правното / физичко лице да има искуство во менторирање или реализација на работилници, тренинзи, обуки од областа на културата или креативните индустрии
Правото за спроведување на Програмата за развој на креативните индустрии ќе го добие правното или физичко лице кое ќе понуди програма / проект дизајн што ги исполнува некои од следните критериуми:
– оригиналност и иновативност на програмскиот / проектниот концепт, со цел надминување на класичните поделби по области во уметноста
– современ пристап во поврзување на нови технологии и дигитални медиуми во уметничкото творештво и други облици на креативно изразување
– промоција и активности за подигнување на свеста за значењето на креативните индустрии
– акциски план за реализација на активностите во рамките на програмата/проектот
– мултидисциплинарни и мултикултурални активности кои се предвидени во рамките на програмата/проектот
– инволвирање на креативните индустрии во формалните и неформалните образовни процеси во Скопје, со цел развој на креативна младина
– поттикнување на претприемничките и бизнис вештини на младите, уметниците и поединци во рамките на креативните индустрии
– активности со профитен карактер
– издржаност на програмата/проектот која ќе се базира на концепт со одржлив развој
– активности од меѓународен карактер (преку партнерства и копродукции)
– стимулација, реализација и презентaција на творештвото и на креативните потенцијали на младите од Македонија за реализација на креативни проекти
– финансиски најповолна понуда, која е реално остварлива
Начин на аплицирање:
Заинтересираните кандидати, потребно е да ја преземат пријавата од официјалната веб страна на www.skopjekreativa.mk или од веб страната на Конгресен центар – Александар Македонски, Скопје http://www.kongresencentaraleksandarmakedonski.mk/ и да ја пополнат, потпишат и заверат со печат (за правни лица). За физичките лица, пријавата да ја пополнат и потпишат.
Покрај пријавата, кандидатите задожително треба да достават и:
– наслов, експликација, скици, концепт на предлог проект дизајн/програма и предлог финанисиска конструкција за реализација на истата. (во печатена форма)
– основни податоци од регистрацијата на правното лице (копија во печатена форма)
– ДРД – Образец за потврда на дејноста, копија во печатена форма (за правни лица),
– референтна листа (евиденција) на реализирани претходни проекти во печатена форма (за правни и физички лица)
– професионално портфолио на ЦД/ДВД (за правни и физички лица)
– биографија во печатена форма (за физички и правни лица)
– точно пополнета пријава во печатена форма (за правни и физички лица)
– професионална биографија на стручните лица – соработници, кои ќе бидат ангажирани во реализација на проектот, во печатена форма.
Конкурсот трае 30 дена од денот на објавување (до 29.02.2016) во средствата за јавно информирање. Пријавите треба да се достават во адресирано плико до Ј.У. Конгресен центар „Александар Македонски“, по пошта на адреса: бул. „Партизански одреди“ б.б. или лично во Архивата на Ј.У. Конгресен центар „Александар Македонски“, најдоцна до 15:00 часот на последниот ден од завршувањето, со назнака „За Скопје Креатива 2016“.
Трудовите ќе ги оценува Комисија составена од пет члена од Ј.У. Конгресен центар „Александар Македонски“. За резултатите од конкурсот подносителите на пријавите ќе бидат информирани во писмена форма во рок од петнаесет дена по истекувањето на конкурсот, поточно по донесувањето на одлуката за избор на најповолни понудувачи. Пријавите со непотполни податоци, како и тие кои нема да бидат доставени во наведениот рок, нема да бидат разгледани. Дополнителни информации и појаснувања може да се добијат на телефон 02/ 3245-615, 070 237 205 и имејл info@kongresencentaram.mk, skopjekreativa15@gmail.com