Во склоп на Меѓународниот Салон на стрип, Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес го објави традиционалниот меѓународен конкурс „Велес 2015“.
Рокот за поднесување на стрип-делата е 15 септември 2015 година, а право на учество имаат сите автори од цел свет, без разлика на полот и возраста. Должината на стрипот треба да биде од една до шест табли, и тоа на А4 формат, (мин.300дпи ако се испраќа по електронски пат). Доколку стрипот е на една страна, треба да биде со најмалку 5 сликички.
Доколку стрипот е во боја, препорачливо е да се испрати преку пошта или да се достави лично.
Tемата на стрипот е слободна. Секој автор може да учествува со само еден стрип; Исклучок има за сценаристите, кај кои се дозволува едно лице да направи сценарио за повеќе стрипови.
Пристигнатите стрипови ќе бидат разгледани од тричлена меѓународна комисија, којашто ќе направи избор и ќе ги предложи наградите.