Факултетот за работи што не се учат информира дека е отворен шовикот за наградата „Денес“ за млад(а) визуел(е)н/а уметни(к)/чка во Северна Македонија до 35 години која подразбира двомесечна програма за престој на уметници во Њујорк во „Residency Unlimited“ и дополнителни новини и резиденции.
„Наградата ДЕНЕС овозможува и уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност насловен „Совршениот уметник“, да имаат средби и презентации со интернационална жири комисија и да продуцираат ново дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата“, велат од ФРУ.
Финалистите на наградата ќе ја отворат изложбата кон средината на ноември 2024 година во Националната галерија на Република Северна Македонија – Мала станица кога ќе биде соопштен и добитникот/чката на наградата ДЕНЕС, односно резиденцијален престој во Њујорк во периодот август-септември 2025 година.
Повикот е отворен до 31 мај годинава. Аплицирањето се врши со пополнување на овој формулар. Повеќе информации околу критериумите може да се најдат овде. За сите дополнителни информации заинтересираните може да се обратат на оваа е-адреса: ivana.vaseva@gmail.com или да ја консултираат веб-страницата https://akto-fru.org/en/.
Наградата минатата година одбележа 20 години постоење. Досегашни добитници се: Ѓорѓи Десподов/ Клелија Живковиќ/ Бурџу Мусли, Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна посесивна агресија) и Славица Јанешлиева.
Отворениот повик наградата „Денес 2024“ го објавуваат Oрганизацијата Факултет за работи што не се учат – ФРУ, Скопје во соработка со Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA) Residency Unlimited, Њујорк, Trust for Mutual Understanding, Њујорк.
Радио МОФ разговараше со една од добитниците на „Денес 2023“, Клелија Живковиќ. Интервјуто може да го прочитате овде.