Пакомак вчера го отвори овогодишниот конкурс за наградата „Trash for art“ кој ќе трае до 12 март.
„Дали чуваш еден куп отпад од пакување или електричен отпад? Време е да ги претвориш во уметничко дело и да освоиш награда – повторно го објавуваме ‘Trash for Art’“, велат од Пакомак.
Делото треба да се достави на 11 или 12 март во културно-едукативниот центар „Лабораториум“.
Наградите на конкурсот за прво место се 30 илјади денари, за второ место 20 илјади, додека за трето место 10 илјади денари. Конкурсот е поделен на неколку категории, односно, првата категорија е за поединци и институции, односно средни училишта, факултети, невладини организации и други, втората за основни училишта, третата за градинки, додека четвртата е специјална награда од „Нула Отпад“ за скулптура од електронски отпад.