Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски” денес го распиша конкурсот за наградата „Роман на годината“ за 2022 година, кој ќе трае до 15 јануари идната година.
Право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2022 година. Наградата „Роман на годината” се состои од паричен износ од 150.000 денари, оригинална статуетка и плакета.
Од Фондацијата велат дека кандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во читалницата „Славко Јаневски” во Скопје (ул. „Димитрие Чуповски” бр. 23/1-1) секој работен ден од 14 до 20 часот или по пошта на адреса на Фондацијата „Славко Јаневски“, бул. „Кузман Јосифовски Питу” 19/6-40, 1000, Скопје.
Доколку бидат испратени по препорачана пошта, ќе бидат прифатени оние романи коишто благовремено ќе бидат доставени со дата на печатот заклучно со 15 јануари 2023 година. Пожелно е и доставување на романи во електронска верзија на адресата: romannagodinata@gmail.com
Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2023 година, а следниот работен ден да ја објави на прес-конференција.
Наградата „Роман на годината”, која беше заштитен знак на згаснатиот „Утрински весник“, ќе биде доделена по 24-ти пат. Минатата година оваа награда ѝ припадна на Симона Јовановска за делото „Денот на црвот“.