Средношколци од шест средни скопски училишта ќе ги покажат своите вештини во учеството на работилници за филм, театар и за медиумска култура во рамки на проектот „Откриваме, градиме, заедно сме“. Настанот, кој е именуван како „Отворен креативен ден” ќе се одржи на 22 февруари (недела) со почеток во 19 часот на сцената на Театар „Комедија“ во Скопје.
Публиката ќе има можност да погледне мултимедијална изведба на драмите „Лонг плеј“ од Горан Стефановски и „Бегалка од 80-ти“, направена по мотиви на „Бегалка” од Васил Иљоски, како и кратки филмови и видео анимации кои ги изработија младите од работилниците за филм и театар.
Координаторката на проектот, режисерката Наташа Поплавска вели дека драмските текстови се избрани со цел средношколците да се запознаат со македонската битова драма и со современата македонска драматургија.
– Сметавме дека со работа на драмски текстови, децата ќе можат одблиску да се запознаат и да ја осознаат сценската уметност. Оние кои ги посетуваа филмските работилници, се запознаа со основните алатки за создавање филм и изработија кратки филмчиња како вежби – додава таа.
Повеќегодишниот проект „Откриваме, градиме, заедно сме“ има цел со користење на овие креативни алатки да помогне во промоцијата и докажувањето на правата на етничките заедници, правејќи ги различните етнички групи и нивните култури повидливи. Во оваа фаза од проектот, кој се спроведе и минатата година, учествуваат средношколци од „Јосип Броз Тито“, „Раде Јовчевски Корчагин“, „Боро Петрушевски“, „Орце Николов“, „Арсени Јовков“ и „Никола Карев“, кои ги посетуваа редовно работилниците за театар, филм и медиумска култура, а во недела ќе ја презентираат досегашната нивна работа. Проектот го спроведува Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт медиа“, а е поддржан од страна на Град Скопје и Холандската амбасада во Скопје.