Со настан за вмрежување на младите со компании и граѓански организации од Битола и регионот денес се отвори младинскиот центар – „Млади Хаб“ – простор за работа, вмрежување и организирање на активности што бесплатно ќе им стои на располагање на младите во регионот.
На отворањето присуствуваа млади од општината и регионот кои имаа можност да се запознаат со претставници од различни компании и организации и со нив да разговараат за можностите и отворените позиции кои ги имаат во моментот.
„МладиХаб“ канцеларијата во Скопје функционира повеќе од 2 години и се користи од страна на младите како простор за организирање на состаноци, средби, работилници и настани.
Со отворање на првата регионална канцеларија во Штип и Младинскиот центар – Млади Хаб во Битола, Националниот младински совет на Македонија цели да го прошири својот опфат.
На отворањето на младинскиот центар присуствуваа битолскиот градоначалник Тони Коњановски, амбасадорката на Британската амбасада, Рејчел Галовеј и Мариана Ангелова, генералната секретарка на Национален младински совет на Македонија.
„Општина Битола ќе ја исполни својата законска обврска и ќе распише повик за избор на младинска организација или организација за млади која ќе продолжи да раководи со овој младински центар, во согласност со Законот за младинско учество и младински политики” – изјави Коњановски.
Ангелова истакна дека во изминатите три години преку проектот се понудени можности за унапредување на позицијата на младите во општеството, преку со обуки за зајакнување на IT вештини па сè до програми за практикантство и поврзување на младите со работодавачи.
Mладинскиот центар – „МладиХаб“ се отвори во рамки на проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите” финансиран од Британската амбасада во Скопје и спроведуван од Национален младински совет на Македонија во соработка со CEED Hub Скопје.