Здружение на лицата со параплегија и квадриплегија „Без ограничувања“ и Аероклубот Скопје на 23 јули (сабота) од 9 часот организираат настан од отворен тип, каде ќе се одржат обуки за летање со беспилотни летала за луѓе со попреченост.
„Летањето радио-командувани беспилотни летала е спорт во кој треба вешто да летате и не бара мускулна сила туку фокус, рефлекси, добро око и вежбање. Овој вид на вежбање ги подобрува когнитивните вештини и менталната сила и е многу корисен за деца/луѓе со интелектуална или физичка попреченост“, соопштува Здружението „Без ограничувања“.
Идејата е инструкторите на Аероклубот да ги научат лицата со попреченост да летаат со дронови, да покажат дека можат и да ги поттикне да се занимаваат со овој спорт.
„Настанот не е ограничен единствено на лица со попреченост, бидејќи нашата цел и мотив е комплетно вклучување на сите заинтересирани во овие спортски активности. Настанот е од отворен тип и не е потребна претходна најава за присуство“, се вели во најавата за настанот.
Според агендата, од 9 до 10 часот ќе има основи за управување со дрон (теорија и прака), потоа 10 до 11 часот различни дисциплини за дрон и потоа до 12 часот – летање различни дронови.