На кејот на реката Вардар денеска беше пуштен во употреба новиот скејт-парк. Опремен со девет справи и рампа на асфалтна подлога, паркот според навите на градските власти ќе може да се користи секој ден од 10 до 24 часот, од март до декември.
„Направен е по сите европски стандарди за правење на вакви скејт паркови. Димензиите на овој скејт парк се 15 метри во ширина и 50 метри во должина. Во тој простор има 9 справи и ограден е со ограда која е на задоволителна висина. Имаме улично осветлување кое што овозможува овој скејт-парк да се користи и во ноќните часови. Задоволството кај младите е огромно за оние кои сакаат малку адреналински спортови“ рече скопскиот градоначалник, Коце Трајановски.
Од Градот најавуваат дека ќе ангажираат инструктори кои покрај тоа што ќе се грижат за редот и безбедноста во скејт-паркот, на сите заинтересирани ќе им бидат на располагање за совети, обука и едукација за возење на скејтборд, ролери и БМХ велосипеди. За изградба на паркот, од буџетот на Град Скопје се издвоени околу 200.000 евра.
Новиот адреналинскиот парк беше дел и од изборните ветувања. Ова e втор скејт парк во Скопје, по тој во Карпош, за чија функционалност имаше многу поплаки од скејтерите во Скејтборд Асоцијацијата на Македонија С.А.М.