Во тек е огласот за стипендии за 150 ученици со атипичен развој запишани во прво одделение во учебната 2021/2022 година.
Нив ги доделуваат Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ во соработка со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“, како дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“.
Огласот за новите 150 стипендисти е отворен на интернет страница на Фондацијата „Чекор по чекор“ www.stepbystep.org.mk (на македонски и на албански јазик) до 30 септември 2021 г. и може да аплицираат сите родители/старатели на деца со атипичен развој запишани во I одделение во основните училишта.
Висината на месечната стипендија е 50 ЕУР во денарска противвредност и истата ќе се доделува за 10 месеци, од септември 2021 г. до јуни 2022 г. Задржувањето на стипендијата во следната учебна година зависи од редовноста на ученикот во училиште и успешниот премин во следното одделение.
„Семејствата на кандидатите кои ќе добијат стипендија не го губат правото на гарантираната минимална помош согласно член 4 од „Правилникот за начинот на остварување на правото на гарантирана минимална помош…” (Службен весник на РСМ, бр. 109 од 28.5.2019 година)[3]: При остварување и користење на правото на гарантирана минимална помош, стипендијата не се смета како приход“, посочуваат од „Чекор по чекор“.
Тие за учебната 2020/2021 година обезбедија стипендии за 322 деца со попреченост кои се запишаа и редовно посетуваа настава.
Проектот е финансиран од Европската Унија и има за цел да обезбеди целосна и рамноправна вклученост на децата со атипичен развој во редовните основни училишта.
За дополнителни информации, заинтересираните можат да се обратат на 072-307-326 или на: stipendii@stepbystep.org.mk.