Отворен е повикот за пријавување на дванаесеттиот по ред „Тренинг за соочување со минатото и изградба на мир“ кој ќе се одржи од 13 до 23 март во Крушево, а е во организација на „Мировна акција“. Рокот за пријавување на тренингот кој е отворен за сите полнолетни граѓани во државава е до 1 март, а трошоците за учество се покриени од организацијата.
Како што најавуваат организаторите, на тренингот ќе се разработуваат теми како: разбирање на конфликти, насилство, соочување со минатото, изградба на мир, ненасилна акција, родни улоги, дискриминација, идентитет и национален идентитет.
„На тренингот нудиме простор за размена на различни погледи. Ги отвораме болните теми од минатото поврзани со историјата на конфликти со намера да ги направиме поподносливи за во иднина“, се вели во најавата за настанот.
„Ако… сакаш да промислуваш и растеш интелектуално и емотивно, си незадоволен/а од реалноста во која живееш и сакаш да ја менуваш ти е важно да слушнеш што имаат да кажат другите околу тебе за темите, кои обично ги прескокнуваме, ти треба сигурен простор за отворен дијалог, во кој ќе можеш да кажеш што те боли, што ти смета и што ти треба за понатаму, бараш простор, инспирација и сојузници за општествена промена, тогаш овој тренинг е за тебе“, порачуваат од „Мировна акција“.
Повеќе информации можат да се најдат на овој линк.