Фондацијата „Атанас Близнакоф“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, Фондацијата „Атанас Близнакоф“ во Соединетите Американски Држави (САД) и Фондацијата „МК2025“ објавија отворен повик за доделување 40 стипендии за талентирани студенти кои ќе се запишат во прва година на прв циклус студии на кој било факултет при УКИМ во учебната 2024/2025 година.
„Стипендиите се доделуваат на студенти кои постигнале исклучителни резултати и успех во средното образование, имаат достигнувања и мотивација за личен и професионален развој, но и кои немаат доволно средства за продолжување на образованието на факултет или област од интерес“, се вели во соопштението.
Висината на стипендијата изнесува 2.500 американски долари годишно, по лице, и претставува највисок фонд за доделување на стипендии во нашата држава. А, корисниците на стипендијата кои редовно и со успех ќе напредуваат во студиите можат да ја користат сé до завршувањето на студиите.
Краен рок за аплицирање на повикот е 20 август, а повеќе информации, инструкции за аплицирање и појаснување за потребната документација се достапни на линкот.
Инаку, ова е трета година по ред откако фондацијата „МК2025“ избира стипендисти преку програмата за студентска извонредност „Атанас Близанкоф“.
Првата година, односно во академската 2021/2022 година наместо планираните 40 стипендии, фондацијата „Атанас Близнакоф“ во САД одлучила да додели 135 стипендии во вредност од 2.500 долари.
Додека пак, во 2023 година и покрај објавениот повик за 40 стипендии, се доделиле 58.
„Овие стипендии не само што ја олеснуваат финансиската бариера за многу талентирани млади луѓе, туку и го поттикнуваат нивниот ентузијазам и мотивација за постигнување високи академски и професионални резултати. Ваквата поддршка е од исклучително значење за иднината на нашата земја, бидејќи вложувањето во образованието и развојот на младите генерации е најсигурниот пат кон одржлив и просперитетен развој на заедницата“, истакнуваат од „МК2025“.
Дополнително, основоположникот на Фондацијата „Атанас Близнакоф“ бил иселеникот Атанас Близнакоф, роден 1901 година во Костурско. Тој во 1920 година го напуштил родниот крај и замина во САД каде живеел и работел до 1976 година, кога ја основал и Фондацијата. Неговата Фондација е прва и најголема на македонски исееник.