Регионалниот проект „Регионална мрежа за културна разновидност“, (РЕАД) финансиран од ЕУ, објавува повик за донирање на мобилната библиотека „РЕАД на тркала“ на граѓанска организација која делува во областа култура од Северна Македонија, Србија, Косово, Албанија или Турција.
„Една од целите на проектот е да им овозможи пристап до книги и културни активности на младите од помали и тешко достапни места. Оваа цел беше постигната преку мобилната билиотека „РЕАД на тркала“, која во изминатите 3 години патуваше низ Северна Македонија, Албанија, Србија, Косово и Турција. Земајќи предвид дека проектот „РЕАД“ набрзо ќе биде затворен, мобилната библиотека ќе се донира на граѓанска организација од погоре наведените земји, која е мотивирана и има капацитет да ја продолжи досегашната успешна работа со библиотеката“, се вели во повикот.
Мобилната библиотека е сместена во комбе, ФИАТ Дукато, 2020 година, чија внатрешност е организирана со полици за книги, подвижен мебел и содржи модерна техничка опрема (ЛЦД монитор, систем за озвучување, паметни таблети, подвижни маси, видео проектотр и др.).
Целата опрема се користи да се постави библиотека на отворено за различни активности со корисниците.
Повикот за граѓанските организации е отворен до 8 април, годинава. Сите информации за начинот на аплицирање можете да ги најдете на овој линк.