Отворен повик за едукативни обуки „Game Design How To? 2022″

М3ДС Академијата за визуелни уметности отвори повик за бесплатни едукативни обуки за дизајнирање на видео игри и филмови „Game Design How To?”, кои се наменети за млади луѓе, средношколци, студенти, како и сите останати кои се заинтересирани за ова поле.

„Време е да ја разбудиме вашата креативна страна. Доколку имате амбиции да изработувате игри и филмови, искористете го вашето слободно време да освоите вредни награди!“, се вели во најавата за „Game Design How To? 2022“.

М3ДС Академијата е академски партнер со „Epic Games“, па поради тоа на настанот ќе се изучува програмата Unreal Engine и можностите кои оваа програма ги нуди при креација на видео игри и филмови.

„Исто така ќе се запознаеме и со Quixel Brigde и Epic Marketplace-от, од каде ќе можете да користите готови 3Д модели (пропови) за во вашата видео игра. Не е потребно никакво предзнаење за програмирање или 3Д моделирање. Потребна е само вашата желба, ентузијазам и креативност!“, велат од Академијата.

Од таму дополнуваат дека учесници ќе имаат можност да учествуваат на еден од најголемите настани за дизајнирање игри во Македонија.

„Главна цел на настанот е подигање на свеста и развојот на информатичките науки, како и запознавање со гејминг индустријата која станува се поактуелна на нашите простори. Воедно, M3DS Академијата e aкадемски партнер со Unreal Engine и Autodesk Authorized Training Center и е главниот виновник за успешно спроведување на настаните од ваков тип“, стои во најавата за настанот.