Тимот зад „Самоглас“ – мобилната и веб апликацијата за слушање на аудио книги, отвори повик за поддршка на млади автори за креирање на авторски подкаст од областа на културата.
Од иницијативата на здружението „Флуктус“ информираат дека подкастите треба да бидат нови, оригинални и да промовираат млади, културни дејци. Подкастот треба да претставува серијал од минимум шест епизоди во времетраење од најмалку 30 минути по епизода.
„Приоритет ќе им биде даден на автори/авторки кои работат на локалната независна културна сцена и кои се невработени т.е. не се во постојан работен однос со јавна институција од областа на културата. Истите ќе имаат целосна слобода врз содржината што ќе ја креираат, а од тимот на ‘Самоглас’ ќе добијат креативна, техничка и финансиска поддршка во процесот на изработка на материјалот“, се вели во повикот.
Јавниот повик е отворен до 31 мај годинава, сите заинтересирани треба да го пополнат формуларот за пријавување.
Од „Самоглас“ истакнуваат дека подкастот ќе биде промотивно објавен на мобилната апликација и веб платформата на „Самоглас“ и со тоа ќе биде креиран целосно нов сегмент наменет само за подкасти.
„По пополнување на електронската форма, кандидатите треба да достават кратка аудио снимка до 2 минути која треба да звучи како најава за подкастот. Доволно е снимката да биде направена со мобилен уред и треба да се испрати на contact@fluctus.mk“, информира тимот.
Добиените снимки ќе бидат оценети од страна на тричлена стручна комисија, а информациите за избраниот креатор на подкаст ќе бидат објавени најдоцна до 30 јуни.