Младински културен центар – Битола формира волонтерски сервис, односно организиран облик на општествена партиципација којшто ќе вклучува 30 млади луѓе од Битола на возраст од 16 до 29 години.
Оттаму дополнуваат дека воспоставувањето на волонтерската мрежа ќе донесе поефикасно и подобро мобилизирање на младите и унапредување на соработката меѓу сите засегнати чинители во локалната заедница.
Дополнително од МКЦ Битола истакнуваат дека идејата за формирање на ваков сервис е да се стимулираат волонтерски активности и да се зголеми бројот на млади кои ќе се вклучат во доброволна работа во локалната заедница.
„Преку овие активности и планираната кампања за промоција на волонтирањето се очекува да се оствари промена во генералниот однос и перцепциите на младите во однос на волонтирањето, зајакнување на нивното знаење за придобивки од волонтирањето, а со тоа да се зајакне и учеството на младите во развојот на локалната заедница“, истакнуваат оттаму.
Младите битолчани имаат можност да станат дел од сервисот преку пријавување на јавниот повик, кој е отворен до 30 октомври.