Во пресрет на третата конференција „Наука за деца“, која годинава ќе се одржи на 18 и 19 октомври, заедно со проф. Д-р Венка Симовска организаторите по вторпат распишуваат конкурс за наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“.
„Со желба да ја наградиме и поттикнеме љубовта кон науката кај децата, ги повикуваме учениците и ученичките од 9 одделение со страст за науката да аплицираат за наградата“, се вели во повикот.
За пријавувањето е потребно:
- да сте ученик/ученичка во 9 одделение во основно училиште во земјава;
- да ни кажете што сакате во науката, зошто и како мислите дека науката може да придонесе за вашиот личен или за развојот на општеството;
- да ни кажете кои се постигнувањата со кои најмногу се гордеете;
- да ни кажете за што би ги употребиле средствата од наградата и зошто ви е важно тоа.
Овие податоци треба да се внесат во овој формулар.
Наградата е во износ од 30.000 денари, кои ќе можат да се искористат за покривање трошоци како опишаните погоре. Наградната сума може да се искористи еднократно или за повеќе намени, но задолжително во текот на една година од денот на доделувањето.
Повикот е отворен до 30 септември. Стручно жири составено од научниците што стојат зад „Наука за деца“ ќе ги оценува апликациите, а одлуката за доделување на наградата ќе биде соопштена на 18 октомври, за време на конференцијата „Наука за деца“.
Наградата го носи името на Иван Ќостаров, кој е роден во Скопје во 1955 година, а починал во Копенхаген, Данска, во 2019 година. Иван имал само 14 години кога љубопитноста го инспирирала да замине од дома за да учи во славната математичка гимназија во Белград. По професија бил електроинженер и софтвер-архитект, кој долги години живеел во Данска. Тој е и човекот кој заедно со уште неколкумина го составил од нула првиот компјутер во Македонија. Имал бројни и разновидни интереси, но особено уживал во природните науки. Сакал математика, логика, компјутерски науки, астрономија, астрофизика, генетика и сонувал еден ден да патува во вселената. Сонот не го остварил, но затоа е тука оваа награда во негова чест, која се надеваме дека ќе им помогне на многу деца да чекорат полесно кон остварување на своите научно-љубопитни соништа.