Културниот центар „Кула“, го објави вториот повик од серијата работилници кои ќе се одржат до крајот на годината. Повикот е отворен за сите заинтересирани млади луѓе кои веќе имаат познавања или би сакале да се запознаат со техниките на сито печат.
Работилниците ќе се одржат 22-26 април, со почеток од 12 часот во Културниот центар „Кула“. Ментори ќе бидат Самир Карахасан, Стефан Николовски и Ертунч Сали.
Како што информираат од „Кула“, учесниците ќе имаат можност да се запознаат со техниката на сито печат, со начинот на кој таа може широко да се примени и истовремено ќе се посветат на печатење на сопствен дизајн. Откако ќе се совладаат основните техники на сито печатење, дизајнот на кој ќе се работи ќе се пренесе на хартија и маици.
Поради потребата од индивидуално печатење, учесниците ќе бидат поделени на две групи, од кои со првата ќе се работи на 23 и 24 април, а втората ќе печати од 25 до 26 април. Ден пред да започне работлницата, на 22 април од 17 часот, задолжително е двете групи да проследат предавање за сито печат и меѓусебно да се запознаат. По завршувањето на работилницата, на 27 април ќе следува изложба на изработените дизајни.
Сите заинтересирани можат да се пријават преку испраќање на пополнета апликација заедно со сопствен монохроматски дизајн на кој би сакале да работат и краток опис на делото на workshop@ku-la.org, најдоцна до 19 април. Не е неопходно дизајнот да биде завршен, доволно е да ја отсликува почетната идеја на учесникот, така што може да се работи за цртеж, скица, илустрација, но потребно е да биде во А4 дигитален формат за да може да се пренесе на предвидените производи.
За учество во работилницата не е потребно предходно искуство во оваа област, меѓутоа бројот на учесници за работилницата е ограничен на 20. За повеќе информации има на самиот Фејсбук настан и на страницата.