Детскиот креативен центар (ДКЦ) при Младински културен центар (МКЦ) во Скопје објави јавен повик за нови работилници наменети за ангажирање и негување на талентите на децата и младите.
„Дали сте заинтересирани за поттикнување на креативноста и инспирирање на младите умови? Ги бараме вашите креативни, иновативни и едукативни предлози за работилници кои ќе го збогатат животот на нашата млада публика“, велат од ДКЦ.
Од таму ги покануваат уметниците, едукаторите и креативните професионалци со искуство и страст за работа со деца на возраст од 5 до 12 години да им испратат свои предлози.
„Без разлика дали сте специјализирани за визуелни уметности, изведувачки уметности, музика, ракотворби, шах, литература или нови медиуми, ги очекуваме вашите идеи за работилници!“, стои во повикот.
Цели на работниците, меѓу другото, е да поттикнуваат креативност и самостојно изразување, обезбедат практично учење, охрабруваат соработка и тимска работа, негуваат љубов кон уметноста и креативното размислување, но и да бидат прилагодени на различни способности и интереси.
Работилниците ќе можат да се изведуваат еднаш или два пати седмично, а притоа треба да бидат прилагодени за деца на возраст од 5-7, 8-10 и 10-12 години. Во однос на големината на групите, тие треба да бидат до 15 учесници по работилница.
Повеќе информации за повикот ТУКА.