Во организација на SEEUTechPark и Институт Либерална Алтернатива (ЛАИ), дводневниот хакатон „Green Solutions“ за студенти и стартапи ќе се одржи на 15 и 16 септември во Тетово.
Настанот е отворен за сите млади претприемачи, кои работат на решенија за еколошки предизвици или разбработуваат зелени бизниси.
Повикот за учество е отворен до 1 септември, а заинтересираните треба да го пополнат формуларот за учество.
Целосните детали за пријавување се достапни онлајн, а огранизаторите посочуваат дека работниот јазик на настанот ќе биде англиски јазик.
„Учеството на хакатонот ќе овозможи да стекнете нови вештини, да разменувате искуства, да научите и да се поврзете со одржливи, иновативни и зелени деловни решенија, развој на бизнисот, зголемување на потенцијалот на пазарот и градење финансиска одржливост, како и да ги подобрите вашите презентациски вештини преку менторски сесии и работилници“, посочуваат организаторите.
Тие дополнуваат дека за најуспешните зелени идеи ќе следуваат награди односно, првопласираниот тим ќе добие награда од 30.000 денари, додека трите највисоко рангираните тимови ќе учествуваат на следното Инвестициско Рандеву за зелени решенија со потенцијални финансиери во земјата и регионот организирано од GIZ.
„Највисоко рангираните тимови ќе добијат можност да учествуваат на специјализирана обука за одржливо корпоративно работење и изработка на бизнис план организирана во соработка со ProCredit Банка. Дополнително, трите тима ќе бидат повикани на мастеркласот ‘From Idea to Startup’ и ‘Workshop on Idea Screening’ со основачот на Networker – Сања Митровска“, посочуваат од ЛАИ.
Трите највисоко рангирани тимови ќе добијат и покана да учествуваат на повикот на 700 Accelerator, со шанса да добијат инвестиција до 40.000 евра.
Од ЛАИ истакнуваат дека хакатонот овозможува ширење на професионална мрежа со прогресивни, иновативни и мотивирани истомисленици во општеството, студенти, млади лица и стартапи.
Дополнително, организаторите посочуваат дека средношколците учесници ќе можат да учествуваат и на специјализираната едукативна работилница за зелени бизнис модели организирана од ЛАИ.