Отворен повикот за наградите на МАИ за 2025 година

Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) го распишува деветтиот по ред конкурс за наградите на МАИ за најдобри достигнувања во издаваштвото во периодот меѓу двата саема на книгата.

„На Саемот на книгата, кој ќе се одржи од 8 до 14 мај, МАИ ќе додели признанија за најдобрите изданија, автори и издавачки проекти кои го одбележаа периодот од саемот минатата година до овогодишниот саем (април 2024 – мај 2025 година)“, информираат од МАИ.

Поканата за учество на конкурсот за наградите на МАИ е отворена за сите издавачи од Македонија, кои можат да конкурираат со своите најдобри изданија, автори и проекти во следниве категории: (1) Признание за најдобра едиција; (2) Признание за најдобар дизајн на корица; (3) Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание; (4) Признание за најдобра книга за деца; (5) Признание за автор на годината; (6) Признание за најкреативно издание; (7) Признание за поттикнување на општествена одговорност и (8) Специјално признание за промотор на читачката култура.

„И оваа година МАИ сака да оддаде признание на издавачите и нивните тимови и соработници (писатели, графички дизајнери, илустратори…) кои од ланскиот саем до овој успеале да создадат единствени и оригинални дела, преку кои се подигнува нивото на издаваштвото и културата во нашата земја“, велат оттаму.

За наградите на МАИ ќе одлучува независна жири комисија, оваа година составена од Весна Мојсова-Чепишевска, универзитетска професорка, Гордана Вренцоска, универзитетска професорка и графичка дизајнерка и Тони Димков, новинар од областа на културата.

Издавачите што сакаат да конкурираат, документот за апликација можат да го побараат на електронската пошта sekretar@mai.org.mk.

Крајниот рок за испраќање на апликациите е 24 април, а свеченото доделување на наградите ќе се одржи на 9 мај, во рамки на Саемот на книгата.