Објавен е новиот повик за апликации за мрежата на Младите европски амбасадори на веб-страницата WeBalkans. Повикот е отворен до 31 октомври.
Платформата „Млади европски амбасадори“, како што велат од Европската куќа е енергична мрежа која ја сочинуваат млади активисти од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.
„Младите европски амбасадори доаѓаат од различни средини, но ги обединува заедничката визија за Западен Балкан обединет со разноликост, меѓусебно разбирање и соработка со Европската Унија. Мрежата на МЕА е отворена за млади од различни средини, со разни интереси и пасии. Секој потенцијален млад европски амбасадор носи со себе визија – и без оглед на тоа дали станува збор за визија за придонес кон зелена трансформација на заедницата, развој на нов софтвер, застапување на човековите права или одгледување органска храна на семејната почва, секој потенцијален млад европски амбасадор придонесува кон разноликоста и унапредувањето на заедницата“, велат од Европската куќа.
На повикот можат да се пријават сите млади на возраст од 18 до 29 години кои доаѓаат од Западен Балкан. Дополнителните критериуми, како и вредносните критериуми се достапни на апликантите на страницата СтаниМЕА.
Со цел да им помогне на кандидатите при процесот на аплицирање, е најавено дека WeBalkans ќе организира Отворени денови на МЕА ширум регионот, за време на кои членовите на мрежата ќе споделуваат корисни информации за мрежата на МЕА и ќе им помогнат на кандидатите успешно да аплицираат.