Голем број луѓе чекаат на граничниот премин Рафа по отворањето на портите од Газа кон Египет. На местото има огромни гужви, пренесува Н1.
Според агенцијата „Вафа“, египетските власти попладнево го отвориле преминот Рафа исклучително за да дозволат излез на 450 странци и Палестинци со двојно државјанство.
Единствените цивили кои ја напуштија Газа од 7 октомври се ослободените заложници, а досега сите премини беа затворени. Видео камерите од преминот покажуваат отворена капија и автомобили кои ја преминуваат границата.
Според претходни извештаи, Катар посредувал за договор за да им дозволи на некои луѓе да ја напуштат Газа, во координација со САД.
Британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли претходно најави дека преминот Рафа „веројатно“ денеска ќе биде отворен за првата група странски државјани.
Рафа е најјужната точка на излез од Газа и се граничи со египетскиот Синајски Полуостров.