Синоќа во Куманово беше отворен првиот младински центар согласно Законот за младински учество и младински политики.
Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски на настанот посочи дека е голема честа да се отвори првиот центар токму во оваа општина.
„Куманово е еден широк колорит и е реален мултиетнички центар којшто го претставуваат сите заедници кои живеат на територијата на нашата држава. Уште поголема е радоста за мене како градоначалник што денеска на еден начин добиваме и признание како општина во делот на заложбите и работењето на сите младински организации кои во континуитет функционираат во нашиот град“, рече Димитриевски.
Во меѓувреме пак, директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски истакна дека овој центар е голем чекор напред кон градење на цврсти пријателства меѓу младите.
„Младите луѓе знаат што им треба. Тоа гласно го кажуваат и работат на нивната идеа за поврзување и зближување. Наше е да им веруваме и да ги поддржуваме. Младите луѓе колку и да зборуваат различни јазици, да припаѓаат на различни религии, тие сите имаат иста потреба, иста цел – да живеат квалитетно, да бидат исполнети, реализирани во своите професии. Младиот човек без разлика дали е Македонец, Албанец, Србин, Ром, Бошњак, Влав – сака да биде почитуван, да добие шанса да напредува и придонесува. Тоа Агенцијата за млади и спорт го препознава и токму затоа со голема радост го поддржуваме овој Младински центар во Куманово“, изјави Мојсоски.
Премиерот Зоран Заев пак, рече дека со отворањето на овие центри пред сѐ се обезбедува соодветен и безбеден простор каде ќе се спроведува системска поддршка за интересот и личниот развој на младите луѓе.
„Ова ќе го постигнеме преку неформално образование, менторство, информирање, неформално искуствено учење кое се случува во слободно време низ учество во забавни и волонтерски активности, кои ќе им бидат достапни на сите млади од општината. Едновремено, овој проект претставува и широк инклузивен процес со кој сакаме да креираме простор за младите и нивниот глас кој ќе допре до институциите и ќе се преточи во конкретна мерка, активност и реформа која ќе ја унапреди положбата на младиот човек во Република Северна Македонија“, нагласи Заев.
Исто така, на настанот зборуваа и Марија Крстевска од Националниот младински совет на Македонија и Наим Исаки од Центарот за интеркултурен дијалог. Тие потенцираа дека очекуваат максимална прифатеност на младинскиот центар како можности и простор за младите каде што ќе ги развиваат своите вештини, ќе градат нови пријателства и од каде што ќе произлезат важни проекти и активности, и политики кои директно ќе го подобрат статусот на младите.