На бесплатниот број 0800-11-011 новинарите ќе може да пријават случаи на закани, напади и насилство.
Од денеска е отворена телефонската линија која ќе функционира 24/7 и ќе овозможи помош и поддршка на новинарите и медиумските работници во случај на заплашувања, закани, вербални или физички напади, онлајн вознемирување, родово насилство, уцени и останато загрозување на безбедноста.
Телефонскиот оператор ќе ги советува новинарите и медиумските работници како да постапат во одредени специфични ситуации преку информирање за механизмите на делување кои им се на располагање.
Телефонската линија е резултат на соработката помеѓу Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Мисијата на ОБСЕ.
„Квалитетно новинарство не е можно без постоење услови за безбедна работа на новинарите и медиумските работници. Клучно е на нашите колеги да им овозможиме помош кога ќе се соочат со кој било вид на насилство“, рече в.д. претседателот на ССНМ Ѕвездан Георгиевски.
Покрај телефонската линија, беа донирани и елеци и заштитни капи за репортери членови на Здружението на новинари (ЗНМ).
„Нападот врз новинарот е напад врз демократијата. Заканите и заплашувањата често доведуваат до самоцензура, го ограничуваат просторот за проток на идеи и мислења“, вели заменик шефор на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Џеф Голдстајн.
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.