Отворена е регистрацијата за ENGAGE Конференцијата за социјален активизам

Младински образовен форум и Радио МОФ  ве покануваат на шестото издание на ЕNGAGE – Kонференција за друштвен активизам. Со 10 говорници и 300 гости во публика, аудио и видео стриминг ENGAGE ќе обезбеди едукација, интеракција и инспирација за индивидуи, групи и организации чија цел е да го подобрат општетството во кое живееме.

На 10-ти јуни (сабота) 2017 со почеток од 11:30 часот, во Кино Култура – Скопје, по шести пат, домашни и странски активисти, политичари, културни работници, борци за човекови права и креатори на онлајн иницијативи ќе споделат знаења и искуства. Темите кои годинашната конференција ги опфаќа, се поврзани со граѓанска ангажираност, активизам на јавен простор, слобода на говор, култура, технологија, животна средина, правата на ЛГБТИ заедницата, протокот на информации и можностите за граѓанска мобилизација преку интернет. Преку ENGAGE, МОФ и Радио МОФ се стремат да го подигнат нивото на информираност на граѓаните, нивната присутност и активно делување, како онлајн така и во физичкиот простор.

kolaz

Како говорници на ова издание на ENGAGE доаѓаат:

Биргита Јонсдотир е поетеса, активистка, анархистка и трократна пратеничка во исландскиот парламент од Пиратската партија. Таа ќе зборува за револуцијата во политиката, дигиталниот активизам, проектот на создавање на нов Устав заедно со граѓаните на нејзината држава преку веб платформата „Подобар Исланд“, и нејзиното искуство како дел од најголемото протекување на тајни податоци со Викиликс.

Иван Новак, е еден од основачите на бендот Лајбах, кој ќе зборува за нивното искуство како единствен бенд од Западот кој настапувал во социјалистичката Северна Кореја.

Ирина Гордиенко, дописничка на весникот Новаја Газета, е една од новинарките кои први го истражуваа и објавија масовното приведување, мачење, а во некои случаи и убивање на ЛГБТ лицата во Чеченија.

Михаи Политеану е основач и извршен директор на Иницијатива Романија. Иницијативата постои од 1 ноември 2015, за време на уличните протести предизвикани од трагичниот настан во Колектив Клуб. Тогаш 64 луѓе починаа поради лошите противпожарни регулативи и нивното применување заради корупција.

Ана Биалас од интернет платформата change.org, секојдневно им помага на корисниците кои започнуваат со кампањи преку консултации, помагајќи им во изградбата на стратегија и во тоа како да мобилизираат потписници со цел да победи нивната кампања. Токму онлајн петициите и ќе бидат тема на нејзината презентација.

Фчерашни новости е сатирично телевизиско шоу, на чија презентација ќе се дискутира за сатирата како алтернативен начин да се информира јавноста за општествените проблеми.

Никола Писарев, историчар на уметност, археолог и граѓански активист, ќе зборува за урбаната уметност како форма на критика и активизам.

Емилија Митревска, „Едно капаче – една надеж“, хуманитарно-еколошка акција под водство на ММСА – Македонска Медицинска Студентска Асоцијација, чија главна и единствена цел е да се соберат што повеќе пластични капачиња кои потоа се заменуваат за инвалидска количка за луѓе кои имаат потреба од неа, а не можат да си ја дозволат.

Астални проекции, кои ќе изведуваат ангажирана поезија.

Модератори на овогодинешниот ENGAGE ќе бидат Јована Аврамовска и Петар Цветковски од Фчерашни новости.

Регистрацијата е отворена на овој ЛИНК, а можност за учество ќе имаат првите 250 пријавени учесници за конференцијата. Сите информации за ENGAGE можете да ги најдете на engage.mk.

ЕNGAGE е поддржана од National Endowment for Democracy, а е организирана од Младински образовен форум и Радио МОФ.