Со 12 говорници, 4 работилници, 2 панел дискусии, обезбеден аудио и видео стриминг и бесплатна безжична интернет конекција за сите, ENGAGE ќе биде најголемиот виртуелен и физички собир на онлајн заедницата во Македонија.
Презентациите на говорниците се распределени во неколку блока во периодот од 12:00 до 19:00 часот. Во планираните презентации, работилници и панел дискусии ќе учествуваат голем број на познати интернет и граѓански активисти, експерти, комуниколози. Меѓу потврдените говорници и презентери на годинешниот ENGAGE се и: Небојша Гелевски (КОМА дизајн), Ирена Цветковиќ, активист (www.coalition.org.mk), Дарко Соковиќ (Докукино)[СРБ/БиХ], Петрит Сарачини, Граѓанска иницијатива “АМАН”, Елена Игнатова, Метаморфозис (www.vistinomer.mk), Роберто Беличанец, (Центар за развој на медиуми), Критична маса, НА ТОЧАК, Jован Димитров и Петар Шокаровски Блогираме.мк, Миша Поповиќ (Слободен софтвер Македонија), Kосово 2.0, Гораст Цветковски (Македонска асоцијација за развивање на игри – МАГДА)
Во рамките на конференцијата, ќе се одржат и четири работилници: за мобилни апликации, со Јосип Јосифовски и Димитар Солев, победници на конкурсот на ONE за мобилни апликации (www.patokaz.mk); работилница на Celebrate Life, платформа за дигитални уметности и дизајн, со Горан Костовски (www.indog.info); Метео кутии: Подобри идеи за ЕУ фондови, со Кика Хаклаб (http://b10g.spodeli.org/), како и работилницата за граѓански онлајн активизам во проекти за заштита на животна средина, со Кирил Арсовски од Македонското еколошко друштво (www.mes.org.mk)
Во Панел-дискусиите на ENGAGE, годинава се анализира сатирата како одговор на секојдневието наречено пропаганда; Во оваа дискусија ќе учествуваат Сеад Џигал, Влатко Васиљ и Бетмен Велит. Во втората панел-дискусија, на тема „Можностите и моќта на краудсорсингот во Македонија – искуства, предизвици и резултати“ ќе дискутираат: Слободан Јаќоски (Викимедија Македонија) Катерина Милеска (Транспарентност Македонија) и Неда Коруновска Аврамовска (Реактор – Истражување во акција).
Регистрацијата е отворена до 17ти февруари на www.radiomof.mk/engage , а можност за учество ќе имаат првите 150 пријавени учесници. Радио МОФ ќе обезбеди пренос на својата веб страна.