Преку одбележување на Светскиот ден на животната средина официјално беше отворена новата Европска куќа во Тетово.
Со ова, како што велат оттаму, градот доби нов центар што ќе се сосредоточи на поттикнување на развојот на младите, зачувување на културата и културното наследство, зачувување на животната средина, како и вмрежување на сите активни чинители во заедницата.
„Официјалното отворање се случи во среда, а настаните почнаа со официјалното предавање на подвижната библиотека ‘READ on Wheels’, која е опремена со над 1.000 книги и која беше предадена од страна на амбасадорот Дејвид Гир и Марија Чорбева од Институтот „Гете“ на Центарот за балканска соработка ‘Лоја’ од Тетово. Потоа, активностите продолжија со дебата на темата ‘Тетово за нова позелена генерација’, во која учествуваа студенти од Универзитетот на Југоисточна Европа. Модератор на дебатата беше Арлинда Бафтиу, а на панелот учествуваа амбасадорот Дејвид Гир, Росана Дуџак, постојан координатор на ОН, како и Бесијан Мемети, Лејла Адеми и Анела Ставревска Панајотова. Дебатата беше можност за младите да ги презентираат своите идеи и да учествуваат во дискусија за важни теми за иднината на градот со посебен акцент на животната средина. Денот заврши со уникатен музички перформанс на Зарина Првасевда, а потоа и диџеј-сет на Редон Роби“, велат од Европската куќа.
Дополнително, оттаму истакнаа дека Европската куќа во Тетово ќе се води според слични принципи како и со другите центри.
„Ќе биде место каде што младите ќе можат да се соберат, да разменуваат идеи, да ги надградат своите вештини и да прифатат иновативни размислувања и пристапи. Приказната на Јуроп Хаус почна во Скопје во 2019 година, продолжи во Крива Паланка и Струмица во 2021 година, во Битола и Велес во 2023 година, а оваа година се заокружува со отворањето на просториите во Струга и Тетово“, додаваат тие.
Минатата година, Европската куќа беше домаќин на околу 900 настани што беа посетени од над 36.000 учесници. Европската куќа организираше 300 настани само во првите четири месеци од 2024 година.