Студентите на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје во соработка со професорката Лидија Георгиева во петокот (26 јануари) во просториите на Францускиот институт во Скопје ги претставија своите дизајни инспирирани од артистичката продукција на Пабло Пикасо.
Креациите беа презентирани на модната изложба „Носиме Уметност“ со што започна и одбележувањето на делото на Пикасо и кубизмот кое го спроведува Францускиот институт со поддршка на Амбасадата на Шпанија.
„Сакајќи да ги покажат работите онакви какви што навистина се, а не само како што изгледаат, кубистите во своите дела ги анализираат субјектите, ги фрагментираат и повторно ги составуваат во оригинална, апстрактна форма. Со енергија на нова и инвентивна ароганција, тие ги прикажуваат предметите низ раскршена перспектива, прикажувајќи ја тридимензионалната реалност на дводимензионално платно“, пишува во соопштението.
Изложбата ќе биде отворена за посета до 1 февруари.