При Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денес беше отворена канцеларија за ментално здравје, каде дипломирани студенти и алумни, како и апсолвенти, ќе понудат организиран пристап за подигнување на свеста за менталното здравје на младите лица.
Канцеларијата ќе биде отворена за средношколци, студенти, деца и млади без државјанство, бегалци и мигранти.
„Канцеларијата ќе понуди работилници, бесплатни сесии со психолози, стручни прирачници, ќе се потруди да ја промени перцепцијата во македонското општество, ќе помогне кон отстранување на стигмата поврзана со менталното здравје и ќе им помогне на младите луѓе да добијат добри и практични совети за грижа на нивното ментално здравје“, велат од ФЗФ.
Оттаму истакнуваат дека претходно, на иницијатива на Центарот за менаџмент на човечки ресурси, со цел подигнување на свеста за менталното здравје на младите лица било споведено истражување каде младите ја истакнале потребата од зајакнување на нивните капацитети.
На настанот се обратија Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет, Мирјана Јовановска Стојановска, претседател на Комората на психолози, Викторија Постоловска, студентски правобранител, Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколци и Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на претседателот.