FindJOB (Барај работа) е нова платформа за вработување со иновативен пристап во поврзувањето на работодавачите со потенцијалните кандидати. Со користење на алгоритам базиран на вештачка интелигенција, платформата ги поврзува кандидатите со работни позиции кои одговараат на нивните вештини, искуства и цели, за да ги најдат најдобрите можности за професионален развоj – програмери, угостители, менаџери, набавувачи, физичари, техничари, метеоролози…
„Во процес на барање работа забележавме недостатоци кај постоечките платформи – некомплетни огласи, огласи со поминат рок на огласување и слично. Поради тоа решивме од технолошки аспект и аспект на човечки ресурси да го подигнеме нивото на квалитетот на посредување за работа“, вели за Радио МОФ Јасмина Калеовска од „Мој социјален работик“, платформа која заедно со партнерската организација „Process in“ го стартуваа FindJOB.
Зборувајќи за идејата и своето минато во секторот, се присетува на теренската работа како социјален работник уште на почетоците во 2012 година. Тогаш заклучила, на луѓето им треба работен ангажман за да излезат од социјален ризик, па за корисниците правела работни биографии, за да можат да најдат работа.
„Низ работното искуство дознав дека има алатка од Европска комисија за полесна изработка на биографија, попрегледна, со сите важни информации за искуството и вештините на лицето, па почнав да ја користам во работата. Со овој Еуропас формат, се зголемуваа одговорите од Човечки ресурси и закажаните средби за интервјуа“, раскажува Калеовска.
Кога официјално го отворила „Мој социјален работник“, продолжиле побарувањата за редовен работен ангажман, но и за хонорарна работа. Искуството покажало дека форматот е успешен, па продолжила со изработка на биографиите и се нижеле успешни приказни.
„’Мој социјален работник’ е единствено здружение кое во првичниот разговор за вработување ги зема предвид сите аспекти на кандидатите, вклучувајќи ја и семејната динамика – брачна состојба, односи во семејството, број на деца, услови на живеење. Можам да заклучам дека овој пристап беше клучот за нашиот успех, како и поддршката и мотивацијата во целиот процес на барање на работниот ангажман. Иницијално јас го правам првиот контакт со лицата бидејќи освен социјална работничка сум и не-клинички психотерапевт, а техничкиот дел го прават повеќе лица обучени за изработка на работна биографија“, вели Калеовска.
Во текот на 2024 година, успешно посредиле за вработување на 100 лица. Од нив 86 се вработиле на ново работно место, а од изминатиов декември 14 лица се’ уште бараат вработување.
Сајтот е се’ уште тазе, но Калеовска очекува негова разработка и проширување.
Преку FindJOB може да се бара работа според сектори како судство, е-трговија, здравство, социјала, туризам, дистрибуција… Има и филтер, може да се пише дали е тоа на неопределено време, хонорарно, пракса, волонтирање, професионална обука и сл.
„FindJOB за работодавачите нуди економичен и лесен за користење интерфејс, кој овозможува ефикасно управување со огласите и кандидатите. Платформата обезбедува пристап до голем број квалитетни кандидати со различни вештини и нивоа на искуство, без разлика на големината на организацијата. Покрај тоа, FindJOB обезбедува и позитивни искуства од клиенти кои ја истакнуваат важноста на платформата во олеснување на процесот на вработување и поврзување со релевантни кандидати“, потенцира Калеовска.
Бојан Шашевски