Основното училиште „Григор Прличев“ во Охрид денеска ја доби првата сензорна градина, со што станува побогато инклузивно и пристапно место за учениците со типичен и атипичен развој, информираа од Фондацијата за образовни и културни инцијативи „Чекор по чекор“.
Според нив, со обезбедување на пристапни и стимулативни средини за учење, како и високо квалитетна прилагодена настава за учениците, училиштата опфатени со проектот стануваат места со еднакви можности за образование на децата, вклучувајќи ги и оние со физичка, сетилна и интелектуална попреченост.
„По една година спроведување на проектот ‘Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран’ кој е финансиран од Европската Унија ја имаме и првата сензорна градина, која ќе биде место каде секојдневно ќе се поттикнуваат способностите и вештините на учениците и ќе се унпаредува нивното учење преку соодветна сетилна стимулација“, вели Елена Мишиќ од Фондацијата „Чекор по чекор“.
Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков рече дека сензорните градини се новитет во земјава и порача дека им претставува задоволство што првата сензорна година е токму во овој регион.
„Оваа градина нуди широк спектар на сензорната стимулација на учениците со попреченост, но и на сите ученици, и со неа ја подобруваме инклузивноста на нашето училиште и пристапноста на образовните програми до сите ученици“, рече Пецаков.
Сензорната градина во училиштето во кое се образуваат повеќе од 1.000 ученици е отворена преку проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, а е донација на банката „Халк“.
Од Фондацијата најавија дека до крајот на годинава ќе бидат промовирани уште две инклузивни катчиња во земјава.